Уништувањето на Исламсла држава останува приоритет на Обама

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека уништувањето на групацијата Исламска држава (ИД) останува негов приоритет број еден и нагласи дека џихадистите продолжуваат да губат територии во Ирак и Сирија.

– Продолжуваме да извршуваме напади врз нивното раководство, врз нивните финансиски мрежи и нивните инфраструктури. Ќе ги следиме и ќе ги победиме, изјави Обама пред состанокот во Белата Куќа со високи воени команданти и Здружениот генералштаб на армијата на САД.

– Како што видовме и во Турција и во Белгија, ИД се уште имаат капацитет да извршуваат сериозни терористички напади, призна претседателот, но напомена дека ќе ги прошири напорите на меѓународната коалиција против ИД.

– Таа битка ќе биде тешка, но ќе победиме. Работиме за да ја зајакнеме кампањата против ИД… Уништувањето на ИД е мој приоритет број еден. Се разбира не станува збор само за воена операција, туку и за реален напор во сферата на дипломатијата и разузнавањето, истакна Обама, кој беше придружуван од министерот за одбрана Ештон Картер, началникот на Здружениот генералштаб генерал Џо Денфорд и командантите на регионалните команди на армијата на САД.

Обама напомена дека на состанокот ќе биде направен преглед на одбранбените стратегии и ќе биде разгледано финансирањето на нивното реализирање.