Универзитетот за туризам и менаџмент по вторпат ја доби дипломата TedQual за квалитет на наставата во високото образование од страна на Обединетите нации.
Ректорот проф. др Аце Миленковски изјави дека оваа престижна диплома е доказ за квалитетот на високото образование на Универзитетот за туризам и менаџмент.
„Ова е единствената високообразовна институција со TedQual диплома во земјата и еден од вкупно 98-те универзитети во светот кои ги исполнија строго пропишаните критериуми за да се стекнат со вакво престижно признание”, истакна Миленковски.
Тој рече дека заслужен за ова признание е целиот професионален тим на Универзитетот за туризам и менаџмент, кој посветено работи сите овие години и создава успешен академски кадар.
Работата на Универзитетот се ревидира на секои три години од ОН преку Светската туристичка организација. За да се добие ваква диплома треба да се исполнат строгите пропишани критериуми за едукација, обука и истражувачки програми. Преку евалуацијата се мери и ефикасноста на педагошкиот систем, како и опфатеноста на потребите во туристичкиот сектор, граѓанското општество и студентите во вакви програми.
Престижната диплома му беше доделена на ректорот проф. др Миленковски во рамките на 24-то Генерално собрание на Светската туристичка организација на ОН. На настанот беше истакнат успехот кој го вбројува овој универзитет меѓу првите 100 во рамките на системот за оценување на квалитет на UNWTO.
Дипломата TedQual ја додели директорот на Комитетот за иновации, образование и инвестиции на UNWTO Наталиа Бајона, која истакна дека опоравувањето на туризмот почнува преку квалитетот во образованието, со можноста луѓето да создадат професионални кариери во туристичкиот сектор.