Сојузот на синдикати на Македонија денеска извести дека синоќа Управниот одбор на ЈП Водовод и канализација – Скопје му го поништил решението на директорот Марјан Митовски на 93 вработени да им се поништат договорите за работа.
Според ССМ, тие ќе бидат вработени согласно предходниот оглас за продолжување на нивните договори за вработување до крајот на 2022 година согласно програмата за вработување во претпријатието.
Оттаму велат дека укинати се и, според нив, незаконските задолженија над 30 вработени во претпријатието кои директорот поради лични пресметки и желби, незаконски ги распоредувал „за врз нив да се изживува и да омаловажува за негов личен ќеиф“.
– Не смее да се дозволи на некадарни и неспособни лица кои свесно кршат законски прописи и одредби од колективни договори да раководат со јавни претпријатија особено не да раководат со ЈП Водовод и канализација Скопје, за потсетување, работници за непочитување на закон добиваат откази, известуваат од здружението на синдикати.
Од ССМ додаваат дека Митовски по мејл и Вибер испраќал пораки со закани за губење на работните места.
– Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска мораат веднаш да преземат сѐ за да спречат вакви лица и тоа е нивна законска должност, а во спротивно ќе бидат директно виновни за шерифското однесување на поединци и ќе сметаме дека се немоќни и уценети од истите поединци и нивните братучеди, а со тоа ќе биде доведен во прашање целокупниот кредибилитет на градот и градоначалникот, предупредуваат од ССМ.