Настаните како демолирањето на МНТ ја покажува длабоката поделеност на државата и каде е “стасано” она општество за сите кои го ветуваше Зоран Заев.
Воедно, за жал, шансата да видиме дека заложбите за соживот, мултиетничко и мултикултурно општество не се само празна флоскула партиите на власт од коалицијата на власт “ја прокоцкаа”! И, за да биде трагедијата поголема ги видовме “перјаниците” на ДУИ – оние кои сложно “делат” со СДСМ, како се обидуваат да ги бранат хилуганите, вандалите и насилниците, како бранат говор на омраза против мнозинскиот македонски народ, наместо да ги осудат и да побараат истите да бидат изнесени пред лицето на правдата.
Обидите на Бујар Османи и Артан Груби да не беа трагични, ќе беа смешни … театарот му припаѓал на народот, не на ВМРО, на СДСМ, бил изграден со наши пари, со пари на граѓаните и им припаѓа на граѓаните … извештаите покажувале дека немало оштетување … не требало од секоја ситуација да создаваме предуслови кои можеле да предизвикаат меѓуетнички тензии …
Точно, Македонскиот народен театар, како и сите државни објекти се изградени од парите на граѓаните и се за граѓаните на Република Македонија – Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Роми, Власи, Срби и сите останати, и затоа сите треба да ги чуваме, тие што ги уништиваат треба да одговараат! Речиси сите медиуми во текот на вчерашниот ден влегоа во театарот каде снимија дел од причинетата штета, ако Груби и Османи не виделе, само нека ги отворат социјалните мрежи или нека погледнат вчерашни вести, ако не можат да ги најдат, еве, им стојам на располагање да им ги покажам. И, да, се согласувам дека на секоја ситуација не треба да и се дава меѓуетнички контекст и ќе верував во кажаното кога Груби и Османи ќе го осудеа говорот на омраза против Македонците, со ова нивно однесување токму тие се генераторите на предуслови кои може да предизвикаат меѓуетнички тензии! А, тоа во оваа држава нема повеќе да се толерира, законот не познава Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Роми, Власи, Срби, пред законот сме сите исти, што побрзо го разберат тоа, подобро за нив. Исто така, ќе биде добро (конечно) да разберат дека со нивното однесување прават огромна штета не само на меѓуетничките односи, туку пред се прават штета на чесните и искрени Албанци кои живеат во Република Македонија, кои одвај врзуваат крај со крај, исто како и сите останати, додека овие ги уживаат сите бенефиции на власта!
А што се однесува до Заев глумењето во стилот “не сум од овде” не поминува. Не верувам дека премиер на една држава не знае каде оди на настан.
А, колку не е направена штета во МНТ, колку СДСМ и ДУИ сами се “фатија” во лагите и манипулациите, говорат токму изјавите на Заев, со обидот (по не знам кој пат) да се “испере” од одговорност со тоа што кажува дека тие не биле организатори на настанот на кој имало недолично однесување и бараат од организаторот да преземе одговорност и да ја надомести штетата.
Тоа што полицијата била информирана и што биле распореденени 150 припадници на ЕБР и 30 алфи во близина на театарот бидејќи очекувале да се случат инциденти … тоа, сега за сега, ќе оставам да го цени Македонската јавност, а понатаму, понатаму некој ќе одговара.
П.С. – дали “некој” се обидува да прикрие дека ноќта во сабота (кон недела) околу 00:30-01:00 имало упад во Националната арена “Филип II/Тоше Проевски” при што е демолирана дел од опремата и инвентарот? Дали и ова треба да се премолчи?
П.С.С. – Македонија е солидарна земја, со широко срце и волја за помош. Човекољубието е наша одлика како народ, и така ќе биде во иднина. Затоа изразувам длабоко сочуство за настраданите од земјотресот во Албанија, и што поскоро нормализирање на состојбите и враќање во домовите на оние кои останаа без нив, напиша на Фејсбук, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.