Министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени двајца скопјани кои во неделата нападнаа полициски службеник за што, како што наведува, се споделува видео на социјалните мрежи и во јавноста беа пласирани конструкции и лаги.
Настанот се случил на 4 октомври 2020 околу 2.40 часот на ул. „Костурски херои” пред пекара, а по целосно документирање на случајот, како што информира МВР, ќе биде поднесена соодветна пријава против приведените напаѓачи.
– Настанот е објавен и во извадокот од дневниот билтен што секојдневно го објавува Министерството за внатрешни работи. Имено, двајца полициски службеници вршејќи мотопатролна дејност на оваа улица забележале лице кое не носело заштитна маска, а било и под дејство на алкохол и од него побарале лична карта со цел негово легитимирање. Лицето рекло дека не носи лична карта и почнало агресивно да се однесува кон полициските службеници, по што дошле и други лица, а едно од нив физички нападнало полициски службеник, соопшти МВР.
Лицата веднаш биле лишени од слобода и спроведени во Полициската станица Центар, каде им бил утврден идентитетот. Лицето што не носело маска и агресивно се однесувало е А.Т. (20) од Скопје, а лицето што физички нападнало полициски службеник е И.М. (22) исто така од Скопје. За целиот настан е изготвен соодветен службен материјал.
– Секој што ќе нападне полициски службеник кој се грижи за безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да се толерираат, соопшти Министерството за внатрешни работи.