На Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не им остана ништо друго освен ширењето лажни вести дека сме го губеле јазикот и идентитетот, но единственото нешто што губиме се остатоците од нивниот режим што нè врати назад со децении, истакна носителот на кандидатската листа на коалицијата „Можеме“ во ИЕ 3, Љупчо Николовски при денешната посета на Кочани.
„До 2024 година ќе отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ, за шест години ќе го затвориме преговарачкиот процес, а ова фејк-њуз ВМРО-ДПМНЕ со својата ароганција, диктатура и надменост тоа не би можело да го испорача ниту за 66 години. Во преговарачката рамка на ЕУ јасно е наведено дека јазикот на којшто ќе треба да се преведе европското право и законодавство е македонскиот јазик и поголемо признание и потврда нема. Македонскиот јазик е наведен во нашата лична карта во ОН и тој е јазикот со кој водиме меѓународна комуникација и склучуваме меѓународни договори и со Грција и со Бугарија. Додека целиот свет нè признава и го потврдува нашиот идентите и македонски јазик, самото раководство на ВМРО-ДПМНЕ својот народ го нарекува со изразот „северџани“, па нека им служат на чест сите лаги и измислици“, истакна Николовски.
Тој побара поддршка од граѓаните за нов мандат на коалицијата „Можеме“, за, како што рече, да продолжи процесот на приклучување кон ЕУ и пристапот до отворените европски фондови.
„Со дадениот глас за нас ќе обезбедиме 2,5 милијарди евра од фондовите што ни се на дофат, а тоа се повеќе пари за справување со коронакризата, за новата македонска економија, за зелената агенда, за повеќе енергија, за конкурентноста и капиталните инвестиции, за патишта и инфраструктура и на Истокот и во целата држава. Тоа се европски пари за европски стандарди дома. Бараме од граѓаните да одберат меѓу Брисел и ЕУ, наспроти Хунзите, Белизе и Субрата Рој. Тоа е изборот на овие парламентарни избори“, заклучи Николовски.