Љупчо Палевски ослободен од притворот во Србија

Љупчо Палевски пред осум месеци беше притворен на аеродромот во Белград на пат за Москва врз основа на потерница по Интерпол издадена од Хрватска. Информациите од неговиот адвокат тогаш објавени во нашите медиуми беа дека хрватите ја издале потерницата заради судски спор за долг на Палевски кон бизнис партнер од 3 500 евра.

Палевски во Хрватска живееше извесно време и таму настанал тој спор со друг бизнисмен. Партијата Глас во која тој е генерален секретар, а лидер е Солза Грчева апелираа по неговото задржување во екстрадицискиот затвор во Белград државата да се ангажира околу неговото притворање.

Конечно тој синоќа преку неговиот фејсбук профил објави дека е слободен.

„Осум месеци Србиве ме носеа на суд во Хрватска а Хрвативе за 10 дена ме пуштија раат. Јустијана на Балканов е класична к**ветина “, напиша Палевски на неговиот фејсбук профил.

Палевски е поранешен прв човек на скопските социјалдемократи но низ годиниве е жесток критичар и на владејачката СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој беше и предмет на истрага и предмет на СЈО на Катица Јанева, беше приведен од нивните инспектори, му беше направен претрес како што известуваа медиумите на неговиот дом и компјутерите кои ги поседувал, но сѐ заврши само на претресот, немаше покренато обвинение,ниту информација што и дали нешто СЈО најде кај него. Сомнежот наводно бил дека поседувал дел од снимки од прислушуваните разговори таканаречените бомби.