Вработените во Министерството за финансии денеска го продолжија протестот против времената мерка на Уставниот суд за запирање на исплатата на надополнувањето на платата за 30 проценти.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски ги повика претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска и министерот за финансии Фатмир Бесими да покажат добра волја и да се надмине проблемот.
Деаноски ја отфрли вчерашната изјава на претседателката на Уставниот суд како целосно неоснована.
– Моментално имаме над четири закони за јавниот сектор каде се користи овој термин „надполнување на плати“ и каде што колегите ги земаат платите со години така што да се донесе времена мерка со којашто ќе се замрзнат плати на вработени само за еден термин е нешто што претседателката на Уставниот суд треба да го оправда во носењето на конечната одлука на Уставниот суд.
Втора работа е тоа што во самиот Деловник за работа на Уставниот суд се вели дека по донесена времена мерка веднаш треба да се донесе конечна одлука.
Поминаа повеќе од 20 дена од носењето на времената мерка, а ние не знаеме како ќе постапи Уставниот суд, рече Деаноски.
Во изјавата дадена пред Уставниот суд, Деаноски ја негираше и изјавата на министерот за финансии кого го повика да седне на маса со синдикатот и да го потпише колективниот договор.
– Во Министерството за финансии има синдикална организација на УПОЗ повеќе од 20 години.
Моментално над 340 вработени во Министерството се членови на синдикатот што претставува повеќе од 70 проценти од вработените, рече Деаноски.
За тоа дали ќе има штрајк, како што подвлече, ќе одлучат вработените.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов рече дека едниствениот виновник за проблемите со платите во јавниот сектор е Уставниот суд кој, како што рече, со брзината на светлината донел одлука за зголемување на нивните плати за 78 проценти и со брзина на светлината одлучиле да ги замрзнат платите на вработените што протестираат.
– Она што Уставниот суд го направи за овие колеги и колешки можеше многу лесно да го направи и за нивните плати зголемени за 778 проценти, односно да ги замрзне но очигледно удобно е во фотелјите во оваа зграда и многу време им треба за нив, а малку време за нас.
Очигледно ќе треба да побараме одговорност од некој, Ако сметаат дека не можат да бидат на нивото на задачата, нека си поднесат оставка од Уставниот суд, рече Трендафилов.