Ураганот „Фиона“ е на пат да ги загрози Бермуди и источна Канада откако ги разори патиштата и мостовите низ Порторико и предизвика историски поплави.
Се предвидува дека „Фиона“ ќе помине близу Бермудските острови во петок, а потоа во сабота рано наутро ќе ја погоди најисточна Канада, соопшти американскиот Национален центар за урагани.
Канадскиот центар за урагани издаде предупредување за делови од Нова Шкотска, островот Принц Едвард, Магдаленските острови и дел од брегот на Њуфаундленд.
Предупредувањето на ураганот е на сила за Бермудските острови, каде што премиерот Дејвид Берт испрати твит повикувајќи ги жителите да се грижат за себе и своите семејства.
„Ајде сите да се сетиме да ги провериме семејството и соседите, како и да внимаваме на повозрасните лица. Чувајте се“, напиша премиерот на Бермуди, а пренесе АП.
Американскиот центар соопшти дека „Фиона“ изутрината имаше максимална брзина на ветерот од 215 километри на час.
Најмалку седум лица загинаа, а едно е повредено во Ел Салвадор, во одрони предизвикани од обилните врнежи од дожд, соопшти денеска локалната власт.
Агенцијата за цивилна заштита на земјата соопшти дека двајца возрасни и три деца загинале кога лизгање на земјиштето ја затрупало нивната куќа во општина Хуизукар, пренесува Ројтерс.
Властите известија дека уште две лица загинале, а едно дете е повредено кога лизгање на земјиштето зафатило куќа во градот Панчималко.
Се вели дека единицата за цивилна заштита одржува портокалова тревога во 29 крајбрежни општини во земјата и жолт аларм на целата територија, бидејќи дождовите продолжуваат да влијаат на создавање свлечишта.