Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побара од лидерите на земјите од ЕУ илегалните имигранти да бидат депортирани во центри надвор од границите на Унијата и таму да чекаат одлука дали можат да добијат азил.
Како што пренесе Бета, барањето доаѓа во време кога во еден таков центар во Албанија пристигнуваат првиот број илегални имигранти од Италија.
Фон дер Лајен ова го предложи во писмо до шефовите на држави или влади на ЕУ, кои се состануваат во Брисел в четврток и петок, и објасни дека „ЕУ не е ефикасна во отстранувањето на лицата кои незаконски пристигнуваат во Унијата, а поради глобално поврзаните кризи, миграцијата ќе продолжи да биде најтежок проблем кој бара итно решевање“.
Шефицата на ЕК јасно посочи дека воените конфликти во Газа и Либан веќе предизвикуваат масовно бегство на населението. За само неколку недели избегале над еден милион, главно во Сирија.
Европската комисија, со барање до лидерите на Унијата, премолчено ги поддржа ваквите барања на Унгарија и Полска, кои ги затворија своите граници поради доаѓањето на илегални имигранти преку Белорусија, како и на Франција, чија влада побара да се запре илегалната имиграција со депортации и сите мерки за заштита на надворешните граници, додека Германија воведе контрола на шенгенските граници, пишува Бета.
Во писмото до лидерите на Унијата, фон дер Лајен истакнува дека почетокот на депортацијата на илегалните имигранти, врз основа на претходно критикуваниот билатерален договор меѓу Рим и Тирана, „мора да биде поука за таква практична постапка“.
Претседателката на ЕК им порача на лидерите на ЕУ дека итно е да се спречат бандите организирани криминалци да носат илегални имигранти на границите на Унијата за пари, што до неодамна беше речиси табу тема, бидејќи организираниот криминал се инфилтрирал и во невладините организации кои им помагаа на имигрантите.
До септември годинава, во споредба со истиот период во 2023 година, приливот на мигранти од Северна Африка е намален за две третини, но доаѓањето на мигранти во Шпанија е зголемено за 56 отсто, предупреди Фон дер Лајен во писмото до лидерите на ЕУ.
Таа посочи на добар пример за соработката на ЕУ со владите на Тунис и Либија во спречувањето на заминувањето на мигрантите во јужните земји на Унијата.
Таа нагласи и дека „вниманието што им се посветува на партнерите од Западен Балкан, вклучително и инсистирањето за усогласување на визната политика и враќањето на имигрантите, придонесе за намалување на пристигнувањето на мигрантите“ преку Западен Балкан за 79 проценти оваа година во споредба со истиот период во 2023 година.