Урсула фон дер Лајен најави дека ЕУ ќе размисли за ублажување на санкциите кон Сирија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави во средата дека Европската унија би можела да размисли за ублажување на санкциите кон Сирија доколку новите власти во земјата постапат како што е најавено, вклучително и демократски.

ЕУ ќе ја поддржи обновата на Сирија доколку новите власти предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (HTS), поранешно сириско крило на Ал Каеда, и нејзиниот водач Абу Мохамад ал-Џолани кој сега се претставува со вистинското име Ахмад ал-Шара – поранешен сојузник на ултрарадикалната џихадистичка Исламска држава (ISIS) вклучен во бројни злосторства вклучително и јавно обезглавувања на државјани на западните земји, „докажат дека нивните постапки се совпаѓаат со нивните зборови“, им рече фон дер Лајен пред европратениците во Европскиот парламент на пленарната седница во Стразбур.

HTS се смета за терористичка организација од Обединетите нации, а групата беше огранок на Ал Каеда до 2016 година. Оттогаш aл-Xолани и HTS, како што сега се тврди на Западот, се оградиле од таа терористичка организација, а по соборувањето на режимот на долгогодишниот претседател Башар ал Асад на почетокот на овој месец, најавуваат заминување од радикализмот и дека ќе го почитуваат правата на малцинствата. Меѓутоа HTS сѐ уште е на списокот терористички организации на Обединетите нации, а САД сѐ уште не ја имаат симнато наградата до 10 милиони долари за приведување на ал-Џолани.

Фон дер Лајен оцени дека „некои од чекорите преземени од новото раководство се охрабрувачки, но остануваат многу отворени прашања“. „Иднината на Сирија е полна со ветувања, но и со ризици. Следните недели и месеци ќе бидат клучни за нејзиното обликување. А Европа ќе ја одигра својата улога“, најави таа.

Шефицата на ЕК рече и дека доколку „новите Сиријци“ ги исполнат своите ветувања, ЕУ треба да ги преиспита своите санкции за да ја олесни обновата на Сирија.

Санкциите за Сирија беа воведени од Унијата во 2011 година поради наводното насилно задушување на протестите на сунитските бунтовници поддржани тогаш од соседните сунитски монархии и Западот против Башар ал-Асад, кои се претворија во граѓанска војна како продолжение на ткн Арапска пролет со кои беа соборени редица децениски авторитарни водачи во арапскиот свет.

Меѓу другото, покрај заробувањето на сириските активи во западните банки, санкциите вклучуваат и забрана за увоз и извоз на широк спектар производи, меѓу кои и храна и повремено и лекови, како и сите финансиски услуги.

„Новото раководство во Дамаск мора да докаже дека нивните постапки се совпаѓаат со нивните зборови. Во овој контекст, треба да ги разгледаме и нашите секторски санкции, со цел да ја олесниме реконструкцијата. За да го направиме ова, треба да видиме вистински напредок кон инклузивен политички процес. Европа има влијание во Сирија и треба да го искористиме за да ја вратиме моќта на народот на Сирија“, додаде Фон дер Лајен потсетувајќи дека ЕУ е „најголемиот донатор“ на Сирија и дека од 2011 година „мобилизирала 33 милијарди евра“ за таа земја но не објасни во што се состоела таа помош, веројатно мислејќи на издвојувањата за сириските мигранти и бегалци.

„Ќе ја продолжиме оваа поддршка, но со нов фокус на рано закрепнување и реконструкција. Станува збор за електрична енергија, вода, основна инфраструктура и други. Но, ќе мора да следи чекор по чекор пристап“, најави шефицата на ЕК.

По промената на власта во Дамаск, европската десница сѐ повеќе бара враќање на сириските бегалци во татковината, а во дискусијата со новата шефица на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, одржана во вторникот, евро-претставниците на десничарските клубови постојано бараше да се покрене таков процес.

Претседателката на Европската комисија, пак, повторно без да конкретизира на кого се однесува, предупреди дека „ризици сè уште постојат и за поединци и за етничките групи“.

„Иако сите бегалци имаат право да се вратат, тоа мора да биде доброволно, безбедно и достоинствено. За Сиријците кои ќе одлучат да се вратат дома, Европа е подготвена да ги поддржи на секој чекор“, рече Фон дер Лајен.