Урсула се вози со „тоа на М“, а Ѓоко Поповски лежи родбија, Пендаровски се сети дека „Тенк“ е монтажа, ама осудениот и натаму е зад решетки 5 ипол години!

Со измените на Кривичниот законик, членот 353 став 5, по кој е осуден Ѓоко Поповски, сега е декриминализиран, а по останатите ставови максималната казна којашто сега би можела да му биде определена изнесува 5 години. Тие 5 години, Поповски, без никакви отпусти и помилувања, ги издржа уште во мај, но останува во затвор и понатаму (осуден за друго дело), без да му се дозволи да користи викенд отсуства и да го гледа семејството. А „мерцедесот“ се вози ли се вози…

Деновиве јавноста повторно имаше прилика да го види фамозниот владин блиндиран „мерцедес“, за кој во 2018 година Добрила Кацарска, тогашната перјаница на Кривичниот суд, спектакуларно подели неколку повеќегодишни затворски казни.

Како што е познато, случајот доби публицитет, поради набавката на „тоа на М“, како што опозицијата го нарекуваше блиндираниот „мерцедес“, алудирајќи на еден разговор од „бомбите“ на Зоран Заев, во кое поранешниот премиер Никола Груевски дава инструкции какво треба да биде блиндираното возило што требало да се набави за потребите на владата.

Тогашната опозиција ја обвинуваше владејачката ВМРО-ДПМНЕ за луксузирање, а приказната за набавката на блиндираното возило со највисок степен на заштита, какво што до тогаш државата немаше, дојде како кец на десетка. Во тоа време многу се зборуваше за тоа што значи тој луксуз и дали имало кражба, а опозицијата ветуваше дека по доаѓањето на власт „мерцедесот“ ќе го продаде и со парите ќе се купеле болнички возила. Потоа се слушна дека ова ветување мора да биде одложено, зашто „тоа на М“ наводно морало да остане во Македонија како доказ, но откако заврши целиот театар, возилото остана во употреба и очигледно е дека врши голема работа.

Исчезнаа и гребаниците од мачките на Оливер

Пет ипол години подоцна, „мерцедесот“ не само што не е продаден, туку се користи при секоја посета на висок државник кој пристигнува во земјава, кога неговото обезбедување инсистира на повисок степен на заштита. Болнички возила не се набавени, а исчезнаа и наводните гребаници од мачките кои тогаш ги „откри“ министерот Оливер Спасовски. Доколку тоа возило не беше набавено, велат познавачите, тогаш Македонија за вакви и други прилики ќе мораше да изнајмува, како што сега ќе мора да изнајмиме 175 луксузни возила за 900.000 евра, за самитот на ОБСЕ.

Во аферата „Тенк“ настрадаа три лица: поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Пет ипол години подоцна, Никола Груевски, кој беше главен таргет на овој процес, е во Унгарија во азил, поради политички прогон. Гордана Јанкуловска вчера го напушти „Идризово“, со условен отпуст, откако чесно издржа три години ефективна казна затвор. Но, првообвинетиот за набавката на блиндираниот „мерцедес“, Ѓоко Поповски, кој доби казна од 6,5 години затвор, уште е зад решетки. Цели 5 ипол години!

Практично од мај 2018, поради висината на казната, па до денес, Поповски е прво во притвор, па потоа во затвор, на издржување на казната. Единствена добра вест за него е тоа што Апелација му ја намалила казната затвор, но Врховниот суд во септември 2020 година ја потврдил казната. Тогаш, како и сега, медиумските наслови се фокусираа на позвучните имиња, иако Поповски веќе беше две ипол години зад решетки. Инаку, Судот не утврди дека Поповски, како првообвинет, остварил каква било имотна корист, а не е утврдено ниту дека фирмата којашто го набавила „мерцедесот“ остварила екстра профит.

Пендаровски проговори – никој не украл, нема штета врз буџетот!

После шест години и претседателот Стево Пендаровски призна дека „Тенк“ е процес без основа. Пред нешто повеќе од две недели, во интервју за телевизијата Телма, тој ќе изјави:

– Еве го „мерцедесот на Груевски“ по еден од тие ставови. Вели, прибавил имотна користа за себе, го оштетил буџетот или оштетил некој трет. Како е оштетен буџетот со возило кое се купува од безбедносни резони и не треба втор понудувач и ден денеска е во употреба? Како прибавил имотна корист за себе, Груевски или Гордана Јанкуловска, а ден денеска го возиме кога ќе дојде некој претседател или премиер? Еве, на 29-ти во Скопје ќе дојде (претседателката на Европската комисија) Урсула Фон дер Лајен. Ќе се вози во истиот „мерцедес“. Значи, не можете вие во таканаречени еластични норми, да бидам културен, да ставате сѐ, затоа што не можете на друг начин да осудите.

После оваа изјава на Пендаровски, дојде и Фон дер Лајен во Скопје, се повози со „мерцедесот“, но Ѓоко Поповски остана да ја издржува казната за „мерцедесот“. Една од надлежностите на шефот на државата е да внимава на функционирањето на правдата и секој граѓанин да биде еднаков пред државата. Иако Пендаровски е убеден дека во предметот „Тенк“ нема криминал, три недели нема реакција од неговиот кабинет по јавно искажаниот став. Поповски останува единствениот осуден во затвор, за случајот за кој Пендаровски смета дека нема дело за кое е осуден.
Ѓоко Поповски при објавата на пресудата за „Тенк“

Може ли Ѓоко да се надева на помилување?

Согласно Законот за помилување, токму Претседателот е тој којшто формира комисија и ослободува од гонење или потполно или делумно извршување на казната со поблага казна или ја укинува. Останува прашањето дали Пендаровски ќе реагира, бидејќи сега, после 5,5 години, јасно е дека нема веќе никаква оправданост Поповски и натаму да лежи робија во „Идризово“, како единствениот трофеј на поранешната власт за еден бесмислен случај.

Со измените на Кривичниот закон, членот 353 став 5, по кој е осуден Ѓоко Поповски, сега е декриминализиран, а по останатите ставови максималната казна којашто сега би можела да му биде определена изнесува 5 години. Тие 5 години, Поповски, без никакви отпусти и помилувања, ги издржа уште во мај, но останува во затвор и понатаму (осуден за друго дело), без да му се дозволи да користи викенд отсуства и да го гледа семејството.

Ниту кога судовите во разни инстанци ги изрекуваа казните за „Тенк“, а ниту сега, Поповски го нема во насловите во медиумите. Велат дека станува збор за непартиски кадар и за личност која никогаш не била во фокусот на вниманието на јавноста. Ако има среќа, а и правда, можеби претседателот Стево Пендаровски ќе се сети дека во „Идризово“ лежи еден човек и издржува казна за измислено кривично дело, со кое никому не му е нанесена штета, за еден „мерцедес“ кој и денеска развезува странски државници кои доаѓаат во Македонија и меѓу другото ни зборуваат за независно судство, за правна држава, за правда…

Автор: Бранко Геровски