УСЈЕ:  Невистини и паушални тврдења се неодговорни и ја доведуваат во заблуда јавноста

Цемантарница УСЈЕ е отворена компанија и, како и досега, и денес ги отворивме вратите и ги поканивме граѓаните кои дојдоа да протестираат да нѐ посетат, да ги постават сите прашања и да се уверат на самото место дека работиме по највисоките стандарди За жал, оваа покана беше одбиена од нивна страна.

Потенцираме дека УСЈЕ работи согласно највисоките стандарди и нашата работа нема никаква корелација со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје. Овие наши тврдења можат да се проверат во кое било време, а сите податоци се јавно достапни.

Оттука, потенцираме дека протестите пред УСЈЕ се на погрешна локација и посочуваме дека паушалните обвинувања и тврдења кои се изнесуваат во јавноста од страна на дел од  граѓанските и невладини организации се неодговорни и ја доведуваат во заблуда јавноста, а нималку не придонесуваат за подобрување на состојбите со амбиенталниот воздух  во Скопје. Ваквите неосновани тврдења создаваат целосно погрешна слика за нашата компанија, а истворемено создаваат и негативна слика за граѓанскиот сектор.

Убедени сме дека постои желба за искрена намери за подобрување на состојбите во животната средина, ние ги поддржуваме сите такви заложби и самоиницијативно преземаме низа активности во таа насока. За да се подобрат состојбите во животната средина мора сите заложби да се засноваат на факти, а не на перцепција и целосно неосновани тврдења.

УСЈЕ и понатаму ќе продолжи да работи согласно највисоките стандарди што важат во земјава и во Европската унија и  во иднина ќе ги поддржи сите искрени намери.

 

Факти за Цементарница УСЈЕ АД

  • 24 часовен мониторинг – единствена компанија во државата која ги објавува мерењата на емисиите на својот сајт
  • Единствена компанија во државата која податоците од мерењата редовно им ги доставува на медиумите, на невладините организации и на граѓанските здруженија
    • Емисиите се постојано под граничните вредности, а во делови неколкукратно пониски од нив (просечно на годишно ниво емисиите на сулфурни оксиди се 15 до 39 пати пониски, а емисиите на вкупна прашина за 5 до 6,5 пати пониски од граничните)
  • Во кругот на цементарница УСЈЕ е поставена дополнителна мерна станица за амбиентален воздух на позиција определена од надлежните институции
    • Податоците од оваа мерна станица редовно покажуваат дека нема корелација помеѓу работењето на печките на УСЈЕ и квалитетот на амбиенталниот воздух на мерните станици во нашиот град – загадувањето на воздухот во градот е највисоко во зимските месеци и во периодите кога печките на УСЈЕ не работат поради годишни ремонти; обратно, тоа е најниско во летните месеци кога УСЈЕ работи со целиот свој капацитет.
  • Единствена компанија која самоиницијативно ангажира акредитирани лаборатории за повремено контролно споредбено мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во кругот на компанијата и на различни точки во нашиот град. (Последното такво испитување, направено од акредитирана лабораторија на 10.-11. јануари 2020 година, период кога не работеше ниту една печка на Цементарница УСЈЕ, покажа високи вредности на загаденост на воздухот на сите испитани точки во градот, вклучително и во кругот на УСЈЕ.)
  • Единствена компанија која инвестира во технологии кои ги намалуваат емисиите пред тоа од неа да го бара домашната легислатива (технологии за значајно намалување на емисиите на азотни оксиди и прашина, третман и прочистување на атмосферски отпадни води, …)
  • Во Цементарница УСЈЕ производниот процес автоматски запира доколку не се вклучени филтрите
  • Единствен капацитет во државата со високоефикасен комплексен систем на вреќесто филтрирање, каде во еден филтер има по најмалку 3000 вреќи кои ја запираат прашината и други емисии и ги враќаат во производниот процес, како составен дел од финалниот производ
  • Технолошки е невозможно печките да работат ноќе, а да се гасат дење – континуиран процес
  • Производствен процес при кој енергенсот согорува на температури над 1500 C°, а температурата на гасови е 2000 C°, на кои, според хемиска закономерност, нема опасни емисиони остатоци.
  • Засега единствена компанија која инвестирала во технологија која може како гориво безопасно да користи оризова арпа, ткаенинини и друго, кои инаку се спалуваат по полињата во државата или непрописно се депонираат
  • Единствена компанија која инвестирајќи има создадено услови и можности за идна безопасна и безостаточна употреба на домашно алтернативно гориво произведено од претходно селектирани и преработени фракции од домашен комунален отпад (RDF).
  • Чекајќи домашен RDF, компанијата користи безбедно алтернативно гориво од увоз од докажано кредибилен и сигурен производител од Италија. (Алтернативните горива во цементната индустрија во Европа се користат од 50-тите години на минатиот век, а во 2017-тата генералниот просек во земјите на ЕУ достигнал 41% замена на конвенционалните енергенси.)

***

ЦЕМЕНТАРНИЦА УСЈЕ НЕ Е ПРИЧИНИТЕЛ ЗА ЗГОЛЕМЕНО АЕРО-ЗАГАДУВАЊЕ ВО СКОПЈЕ

ЦЕМЕНТАРНИЦА УСЈЕ КОРИСТИ БЕЗБЕДНО АЛТЕРНАТИВНО ГОРИВО КОЕ НЕ ЈА ЗАГРОЗУВА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

ЦЕМЕНТАРНИЦА УСЈЕ Е ДЕЛ ОД РЕШЕНИЕТО ЗА ПОЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА

ЦЕМЕНТАРНИЦА УСЈЕ Е ПАРТНЕР НА НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР ВО ГРИЖАТА ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА