![deca Деца од семејства со социјален ризик од Кичево и годинава ќе летуваат бесплатно](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/06/deca.jpg?resize=696%2C387&ssl=1)
Во државава во моментов околу 100 деца со нарушувања на растот се лекуваат со хормон за раст, а на листа за чекање се уште 15-тина дечиња. Тие можноста да го започнат лекувањето ќе ја имаат кога ќе се ослободи место од постоечките деца на терапија, односно кога некое дете ќе заврши со лекувањето.
Ова беше посочено на прес-конференција во Скопје по повод одбележувањето на 20 Септември – Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата.
Претседателот на Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања – РАСТ, Александар Петровски, изјави дека овој Светски ден повторно го посветуваат на онаа голема група на деца кои се уште чекаат да добијат право на лекување. Право кое им е загарантирано со законот, а никогаш не го добиваат поради покасно поставена дијагноза и долго поминато време на листата за чекање поради што стигнуваат до возраст кога веќе не може да се лекуваат, бидејќи растот е завршен.
Петровски упати барања до Владата и до здравствените институции најбрзо што може да се изготви Национален регистар на пациенти со нарушувања на растот, да има терапија за сите деца кои имаат потреба од лекување, да се изнајде систем кој нема да зависи од тендерска набавка како во сите земји и да се овозможи терапија каде е потребно и по завршувањена растот во возрасно доба.
Претставникот од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Цвете Серафимовски информира дека Фондот годинава обезбедил буџет од 43 милиони денари за хормон за раст на годишно ниво за 102 дечиња.
– Децата имаат кратко време да растат, а цел живот да живеат со резултатите. Ова мото кореспондира со стратешката определба на Фондот да се превенира наместо да се лекува, да се размислува одговорно за навремено да се спречат одредени здравствени нарушувања, рече Серафимовски.
Директор на Здравствен дом Скопје, Виктор Исијановски во оваа прилика понуди секаков вид соработка со Здружението РАСТ, како и со останатите здруженија кои се бават со оваа проблематика во интерес, како што додаде, на сегашните и идните генерации.