Уште два позитивни теста на коронавирусот се потврдени во два различни клуба на англиската Премиер лига на тестирањата спроведени минатата седмица, со коишто биле опфатени вкупно 996 лица.
Двете позитивни лица, чии идентитети и позиции во клубовите не се објавени, ќе мора да минат седумдневна самоизолација.
Според сознанијата на медиумите, едниот е двата позитивни теста е на неименуван фудбалер на Борнмут.
Бројот на тестовите достапни на екипите е зголемен за ова тестирање, па на секој клуб му е овозможено да направи 40 до 50 тестирања на играчкиот, тренерскиот и помошниот кадар, како и на службениците.
Во претходниот прв круг од тестирањето со кое беа опфатени 748 лица, а спроведен на 17-ти и 18-ти мај, беа потврдени шест позитивни наоди.
Истовремено во втората Чемпионшип англиска лига потврдени се два позитивни теста во клубот Хал Сити, од вкупно спроведените 1.014 тестирања во сите 24 клуба од оваа дивизија во последните 72 часа.
Екипите од минатиот вторник започнаа со ткн бесконтактни тренинзи. Премиер лигата беше прекината на 13-ти март, а до крајот на англиското првенство остана уште вкупно 92 натпревара.
Водството на Премиер лигата е убедено дека во јуни првенството ќе биде продолжено. Во германската Бундеслига веќе се комплетираа две кола од продолжувањето, додека во саботата шпанскиот премиер дозволи првенството во Примера да продолжи од 8-ми јуни.