Пратениците со 78 гласа „за“ и ниту еден „против“ или воздржан на денешната 150. итна седница го изгласаа Законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка.
Новиот рок за довршување на делницата Кичево-Охрид е 31.12.2026 година.
Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница, информира владината прес-служба во соопштение по седницата.
Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, за по неколку анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена да достигне 598 милиони евра.
На крајот на минатата година ресорното министерство ангажираше експерт за Фидик-договори задолжен да направи анализа на Договорот за изградба на автопатската делница. Ангажираното вешто лице доставило извештај до Владата во која се посочуваат три опции – да се продолжи договорот со изведувачот „Сајнохидро“, продолжување на договорот со пенали и како трета опција целосно раскинување на договорот.
Согласно новиот анекс, изведувачот се обврзува да ги изгради и да ги пушти во сообраќај до 31 ноември 2026 година подделниците 1 и 2, до 31 август 2025 година делница 2.2 и делница 3, а до 30 септември 2026 година да ги пушти во сообраќај и делниците 4 и 5.