На вежбите на комбинираните сили на земјите членки на НАТО под кодниот назив „Baltops-2022“ кои минатото лето се одржуваа во водите близу данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море, учествувале американски нуркачи со опрема за големи длабочини, се вели во писмото од неименуван извор кој го добил американскиот новинар Џон Дуган.
Копија од дописот бил даден на увид на руската новинска агенција РИА во четвртокот, а според самиот Дуган тој има целосна основаност да му верува на анонимниот извор, бидејќи дописот бил проследен со наводни докази како што се фотографии и документи од вежбите. Сепак, изворот барал тие да не бидат дистрибуирани во јавноста, стравувајќи дека така ќе се открие неговиот идентитет. Дописот со сведочењето, фотографиите и документите бил испратен уште на 2-ри октомври од електронска пошта за еднократно користење, а Дуган досега се обидувал безуспешно да стапи во контакт со авторот.
„Имам целосна доверба во дописот. Во него се содржани поединости коишто може да ги обезбеди само човек кој е добро запознаен со вежбите Baltops-2022 и опремата за големи длабочини. Сѐ беше точно“, рекол американскиот новинар Дуган за руската агенција РИА.
Авторот на писмото наводно тврди дека и самиот учествувал на вежбите „Baltops-2022“ ланскиот јуни. Според него, на 15-ти јуни хеликоптер пренесувал група Американци во цивилна облека.
„Мојата прва мисла беше: изгледаат како група терористи“, се вели во писмото кое го цитира агенцијата. Авторот појаснува дека му изгледале многу чудни нивните фризури, мустаќи и бради, а особено отсуството на вообичаените воени плочки со имиња и податоци.
Нуркачите биле пречекани од вицеадмирал на американската воена морнарица и група лица во цивилна облека. Авторот на писмото наведувал дека не го слушнал нивниот разговор поради бучавата на хеликоптерот.
Натаму било наведено дека забележал дека Американците носат „ребредери“ (Rebreather) од моделот MK-29 кои користат кислородно-хелиумска мешавина за нуркање на големи длабочини. Покрај тоа, носеле и друга високо професионална и скапа опрема што не ја користат конвенционалните воено-поморски сили. Притоа, авторот додал дека со себе тие донеле и „мали кутии“.
Самите нуркачи рекле дека учествуваат на вежби за чистење на морето од мини: морале да пловат со гумен чамец до одредена област, да пронајдат и деактивираат противбродски мини. Но за тоа тие не поседувале соодветна опрема, забележува авторот на дописот. А по разговорот со вицеадмиралот, се тврди натаму во писмото, нуркачите не заминале во областа во која се одржувале маневрите и ги немало доста долго време.
„Тие ги напуштија чамецот со своите ребредери и исчезнаа под водата повеќе од шест часа. Не постои автономна опрема којашто ќе му овозможи на нуркач да остане под вода шест часа. Со најновите воени системи тоа е максимум три ли четири часа“, се вели во писмото. Според авторот американски војници се вратиле без кутиите, а потоа заминале со хеликоптер.
Се потсетува дека на брифингот пред почетокот на маневрите „ Baltops-2022“, командантот на американската Шеста флота, вицеадмиралот Јуџин Блек, рекол дека е предвидено испитување за развој на подводно рударство. Но бидејќи не успеал директно да се поврзе со авторот на информацијата, новинарот не можел да го потврди идентитетот на вицеадмиралот кој се споменува во писмото.
Минатата седмица новинарот Сејмур Херш објави напис за истрагата за несреќата на руските извозни гасоводи поставени по дното на Балтичкото Море до Германија односно до Европа. Повикувајќи се на својот „осведочен“ извор, според него, минатото лето за време на вежбите на НАТО „Baltops 22“, американски нуркачи подметнале експлозив под четирите цевководи Северен тек 1 и Северен тек 2, а три месеца подоцна Норвежаните го активирале. Покрај тоа, Херш тврди дека претседателот Џо Бајден се одлучил за саботажата по повеќе од девет месеци тајни разговори со специјално формиран меѓуресорски тим за таа акција од службите за национална безбедност. Вашингтон категорично ги негираше овие обвинувања.
Вашингтон категорично ги негира овие обвинувања за нападите врз руските извозни гасоводи се случија лани на 26-ти септември, кога на четири места беше откриено истекување гас одеднаш. Шведска, Данска и Германија спроведоа истраги, но тие сè уште јавно не ги објавија конкретни резултати, правдајќи се дека станува збор за прашања од национална безбедност. Кремљ несреќата ја нарече акт на меѓународен тероризам, со кој Европа, во прв ред Германија како најголемата економија на континентот, се остава без енергенси.