Уште еден добар економски знак: Намалена невработеноста во третото тримесечје

По одличните резултати за пораст на бруто домашниот производ во третото тримесечје, Државниот завод за статистика носи уште еден позитивен економски сигнал. Податоците покажуваат намалување на невработеноста во земјава, која што сега е на ниво од 28,7 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика , во третото тримесечје од оваа година активното население во Македонија брои 957.417 лица од кои вработени се 682.448, а 274.969 лица се невработени, по што стапката на активност во овој период е 57, 3, стапката на вработеност 40,8, додека стапката на невработеност e 28,7 отсто.

Во претходното тримесечје статистика покажа стапка на невработеност од 28,8 отсто, што во споредба со третото тримесечје од оваа година е намалување за 0,1 процентни поени.

Невработеноста во Македонија, од почетокот на оваа година, бележи константен пад, па така во првите три месеци од оваа година за прв пат го надмина прагот на психолошка невработеност од над 30 отсто.

Врз основа на старосната структура, највисока стапка на невработеност има кај најмладата популација, односно лицата од 15 до 24 години, која што е 52,2 отсто. Кај лицата од 25 до 49 години, стапката на невработеност е 27,7 отсто, додека кај највозрасната популација, од 50 до 64 години, стапката на невработеност е 21,7 отсто.