Висок командант на палестинскиот екстремистички Исламски џихад е убиен во израелски воздушен напад врз Појасот Газа, потврдија денеска борците на таа организација.
Тоа е втор убиен командант од почетокот на ескалацијата на прекуграничниот конфликт во петокот попладне.
На синоќешното убиство на Калед Мансур, кој беше задолжен за операциите на Исламскиот џихад на југот на појасот, еден ден претходно му претходеше убиството на командантот на екстремистите на северот.
Во конфликтот веќе се убиени околу 29 лица, меѓу кои шест деца и четири жени, 253 се ранети, а во правец на Израел е истреланa канонада од ракети.
Тоа е најлошото насилство меѓу Израел и палестинските екстремисти од 11-дневната војна во Појасот Газа во 2021 година.
Во меѓувреме, тензијата би можела уште повеќе да ескалира бидејќи денеска на Евреите им е светиот ден на постот и се очекува израелски ултранационалистички пратеници да го посетат светилиштето во Ерусалим (Брдото на храмот/Харам ал – Шариф).
Ваквите посети може да предизвикаат насилство меѓу двете нации.
Военото крило на Исламскиот џихад, бригадите Ал-Кудс денеска потврди дека командантот Мансур и уште двајца членови на организацијата биле убиени во воздушен напад врз градот Рафа на југот на Појасот Газа.
Како што се наведува, во нападот загинале и цивили, а неколку куќи биле срамнети со земја. Од другата страна на палестинската територија уапсени се 19 лица под сомнение дека се членови на Исламскиот џихад.
Израел претходно процени дека 15 екстремисти биле убиени во воздушните напади врз Газа.
Екстремистите на Исламски џихад продолжија да истрелуваат ракети кон Израел, а израелската војска продолжи со воздушните напади врз Појасот Газа, но се чини дека размената на оган стивна рано утринава.
Израелските медиуми објавија дека во Ерусалим прво се огласиле предупредувачките сирени за ракети.
Конфликтот започна по убиството на командантот на Исламски џихад во серијата израелски ракетни напади во петокот попладне, за кои Израел тврди дека имале за цел да го спречат истрелувањето на противтенковски ракети од Газа.