Уште еден мировник на ОН ранет во јужен Либан, петти во два дена

Уште еден од припадниците на мировната воена мисија на Обединетите нации во јужен Либан е погоден со куршум „чиешто потекло сѐ уште не е познато“ во вкрстен оган меѓу израелската војска и либанското шиитско движење Хезболах, објави во саботата Привремените сили на ОН во Либан (UNIFIL).

Во петокот ноќта „припадник на мировните сили беше погоден во текот на размена на оган во текот на воена акција недалеку од штабот на UNIFIL во Рас ал-Накура“, се наведува во објавата на меѓународните мировни сили кои во јужен Либан во моментов бројат околу 10.000 луѓе.

Во четвртокот и петокот UNIFIL објави дека се ранети четворица припадници на нивните сили, еден од Индонезија и тројца од Шри Ланка, а најмалку двајца потврдено во напад на израелската војска.

Портпаролот на UNIFIL, чии војници се ранети во израелски оган во саботата за AFP изјавил дека стравува од „многу скорешен регионален судир со катастрофални последици за сите“.

„Тука нема воено решение“, рекол портпаролот Андреа Тененти, додавајќи дека се залага за „разговори на политичко и дипломатско ниво“ за да се „избегне катастрофа“.

„Судирот меѓу Израел и Хезболах не е само судир меѓу две земји, тоа би можело да биде регионален судир до катастрофални последици за сите“, истакнал портпаролот на UNIFIL.