Уште една брука на протоколот: Словенечката министерка пречекана со знаме на Словачка

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон вчера во кабинетот на колегата Бујар Османи во Скопје беше пречекана со највиски почести и со згрешено знаменце.

На масата меѓу двајцата министри се вееја словачкото и македонското знаме. Дали Фајон ја забележала грешката и дали реагирала кај колегата Османи – не е познато. На фотографиите кои ги направи фотографот на агенцијата МИА таа е насмеана.

Во официјалното известување од МНР за средбата на Османи со Фајон не е испратена фотографија од сребата во неговиот кабинет, туку од прес-конференцијата, каде двете знамиња се правилни.


Знамето на Словачка

Инаку, знамињата на двете земји се слични. Почнуваат со бела боја, сина, па црвена. Разликата е во амблемот кој на словенечкото знаме е главно син, а на знамето на Словачка е црвен.

Знамето на Словенија

Не е првпат протоколот да го згреши знамето при официјална посета на странска делегација. Како што е познато, во протоколот на МНР од неодамна е префрлена поранешната ТВ презентерка Бесмира Ејупи, за чиј ангажман во разни државни институции и хонорарите што ги земала се крена голема прашина.