Американската банка „Morgan Stanley“ ја намали прогнозата за растот на кинеската економија во оваа година на 4,7 отсто од прехтодно проектираните пет проценти.
Во „Morgan Stanley“, исто така, ја намалија и прогнозата за кинескиот бруто домашен производ (БДП) во следната 2024 година, и тоа од 4,5 на 4,2 отсто.
Кина, пак, за оваа година зацрта годишна стапка на растот од околу пет отсто.
Американската банка до Волстрит е последната во низата големи брокерски куќи кои ја намалија прогозната за кинескиот економски раст за оваа година, поради разочарувачките економски податоци.
Претходно оваа седмица, банката „J.P.Morgan“ ја намали прогнозата за кинескиот БДП за 2023-та на 4,8 отсто од претходно очекуваните 5 отсто, додека банката „Barclays“ ја намали на 4,5 проценти.
Меѓу причините за намалување на проекциите за втората најголема според обемот светска економија се издвојува и загриженоста за тамошниот потклекнат сектор на недвижнини. Поточно, кинескиот сектор на недвижнини се бори со криза на ликвидноста уште од крајот на 2021 година, кога корпорацијата „China Evergrande Group“ пропадна и го придвижи бранот на инсолвентност во овој сектор.
Во „Morgan Stanley“ ги намалиле проценките за да ги „пресметаат поострите заостанувања на капиталните издатоци поради задолжувањата во секторот недвижнини, како и финансирањето од страна на локалните власт, со директни ефекти врз потрошувачката“, напишаа во белешката економистите предводени до Робин Ксинг.