Како што се доближува датумот на одржување на најмасовната трка низ скопските улици, така бројот на пријавени учесници се зголемува. Според бројот на пријавени, овогодинешното издание на Виз Ер Скопски Маратон 2014 ќе биде најмасовното издание досега.
Повеќе од 1000 пријавени рекреативци и вљубеници во трчањето го пријавија своето учество за маратонската и полумаратонската трка, кое заврши во текот на вчерашниот ден. Пријавувањето за хуманитарната трка на 5 км е во тек и ќе трае се до 30 април 2014 година. Бројот на пријавени за трката на 5 км досега е повеќе од 3000 граѓани кои ќе се појават на стартната линија на 11 мај, број кој според организаторот, ќе расте за конечно да се достигне бројката од 6000 учесници. Со ова би се срушил рекордот на учесници и Виз Ер Скопски маратон ќе биде најмасовната маратонска трка одржана во Републиката.
Ваквата бројка само покажува дека македонските граѓани се посвесно размислуваат позитивно во врска со спортувањето, а Виз Ер Скопски маратон 2014 е само можност да покажат дека здравиот живот и спортувањето се неопходност и треба да бидат секојдневие за секој од нас.
Организаторот ги очекува сите граѓани кои рекреативно спортуваат, го сакаат спортот или едноставно сакаат да пробаат како е да се трча маратонска трка, да се пријават и да бидат дел од спортската манифестација број еден во Македонија – Виз Ер Скопски маратон 2014. За годинешното издание се предвидени многу новитети и изненадувања за пријавените учесници, додека потврда на угледот кој трката го градеше низ изминатите изданија ќе биде присуството на светскиот рекордер во маратонско трчање, Вилсон Кипсанг.