Поради пренатрупаност во затворот Идризово, додека еден спие другиот треба да седи буден и да чека ред бидејќри креветот го делат двајца затвореници. Ова е само дел од забелешките што ги истакна народниот правобранител Насер Зибери во „Дејли Клик“ на ТВ 21. Состојбата е алармантна, а условите се бедни и нечовечни.
-Има ќелии за затвореници од само 1 метар кубен простор, има ќелии каде еден кревет го делат двајца затвореници, имаме дел од затворениците кои спијат по ходниците, имаме ќелии каде 50 затвореници користат еден тоалет. Каква хигиена може да има во такви услови, кога еден затвореник спие а другиот седи буден и откако ќе се разбуди другиот, може да спие тој бидејќи делат ист кревет, или кревет што е ставен во ходникот на бетон, или нема топла вода и греење итн., посочи Зибери.
Загрижувачки го смета и фактот што околу 80% од 17 затвори колку што ги има во земјава, нема лекар психијатар, општ лекар и нема процес на ресоцијализација. Зибери вели дека земјава треба да преземе итно мерки за подобрување на условите во правец на проширување на капацитетите, за здравствена грижа но и за проширување на човечките капацитети и за администрацијата.
–Да не зборуваме за внесувањето на недозволени предмети во затворите, како што се дрога, средства за комуникација итн. Состојбата во затворите во Македонија е многу тешка да не речам алармантна. Меѓународните стандарди велат дека еден чувар треба да се грижи за 15 затвореници, а знаете како е во Идризово, за 50 затвореници се грижи еден чувар. Така произлегуваат и други проблеми, напади од страна на затворениците врз чуварите и се става под знак прашалник безбедноста на самите чувари, изјави народниот правобранител.
Тој ја коментираше и амнестијата на затворениците, механизам за кој рече дека го поддржува но дека треба да важи за лица осудени за лесни дела, како што се престапи во сообраќај, а не за осуденици за тешки криминали.