![slika 2 c k](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/09/slika-2-c-k.jpeg?resize=696%2C464&ssl=1)
Новите услуги во рамки на социјалната реформа продолжуваат да стануваат достапни за граѓаните ширум земјата, конкретно, услугата помош и нега во домот е достапна и за околу 40 корисници – жители на Пробиштип и Кратово. Таа е наменета за немоќни и изнемоштени лица над 65 години и значително им го олеснува секојдневниот живот, а истовремено значи и поддршка за нивните семејства, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.
Министерката Јованка Тренчевска оцени: „Добро е што децентрализацијата на социјалните услуги дава резултат, бидејќи тоа е единствениот начин како да развиваме социјални услуги согласно потребите на луѓето, а никој подобро не ги препознава нивните потреби од самите општини и локалните организации кои се даватели на услугите. Посебно ме радува тоа што услугите се достапни во руралните средини и во најодалечените места, затоа што нашата заложба е да се грижиме и да овозможиме квалитетна нега и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани“.
Од Црвениот Крст Пробиштип потенцираа дека соработката меѓу организациите кои се даватели на услуги и општините носи значајни придобивки и подобрен квалитет на услугите, а тоа се забележува најмногу од задоволството на корисниците и негувателите. Тие исто така информираа дека за услугата помош и нега во двете општини обучени и сертифицирани се 14 негуватели.
Во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува МТСП, со поддршка од Светска Банка, досега е овозможено воведувањето на разновидни социјални услуги, преку 34 поединечни проекти што се спроведуваат во 41 општина. За давање на услугите досега се обучени и ангажирани над 300 лица, а истите се достапни за повеќе од 1200 корисници.