
Три лица загинаа на истокот од Романија кога маж, кој во живо го пренесувал своето брзо возење со спортски автомобил, излетал од патот и влетал во еден двор, соопшти денеска телевизијата Антена 1.
Во несреќата смртно настрадаа бремена жена, нејзиното тригодишно дете и 79-годишна жена.
Уште едно лице кое било во дворот е повредено кога автомобилот вчера слетал од патот во населбата Вацарени, на 250 километри источно од Букурешт.
Возачот и сопатникот од автомобилот исто така се повредени. Возачот се обидел да побегне, но набрзо бил уапсен.
Осомничениот возач со камера во автомобилот го снимал своето пребрзо возење и во живо го пренесувал на Фејсбук.
Романската Влада најави итно донесување закон со кој драстично се зголемуваат казните за лицата кои се играат со мобилните телефони во текот на возењето.