![invest](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/invest.jpg?resize=486%2C324&ssl=1)
Мајкл Качински, уредник на ФДИ –Foreign direct investment, кој соработува со македонската Влада за промоција на можностите за инвестирање во Македонија, јави известувачот на МИА, вели дека овие настани служат за подобро запознавање на бизнисмените со предностите за инвестирање во Македонија.
„Не сме тука да го подобриме имиџот на Македонија, туку да зборуваме за тоа што Македонија навистина е. Македонија е навистина добро место за инвестирање. Јас бев во март и бев многу импресиониран од тоа колку е лесно да се среќаваш со луѓето кои ќе те запознаваат со бизнисмени и со секој што сакаш и притоа ќе те информираат за поволностите и се друго што те интересира. Исто така бев воодушевен од тоа колку е лесно да се снајдеш, бидејќи многу луѓе говорат англиски, што ме изненади и што е голема помош и важен фактор“, рече Качински.
Според него, иницијативите се секогаш голема помош за привлекување инвестиции, како што се олеснувањата со таксите, помошта со инфраструктурата што Владата ги нуди, како и слободните економски зони.
„Сето тоа е голема помош. Сметам дека Македонија е многу добро место за инвестирање особено кога зборуваме за производство и одредени услуги – таа е на врвот на листата на нашиот магазин за најдобрите дестинации за инвестирање“, истакна Качински.
Бизнисменот Роберт Вилоуби од „Кемет Електроникс“ исто така ја посочи Македонија како земја со добра бизнис клима.
„Баравме конкурентна локација од каде ќе ги снабдуваме нашите конкуренти во Европа. Направивме евалуација на шест земји во Источна Европа и на Балканот и Македонија беше нашиот избор“, рече Вилоуби.
Покрај тоа појасни дека барале и вистинска работна сила и добро обучен кадар.
„Цената на работната сила, нејзината способност, добра владина стратегија, сите овие работи креираат добра бизнис клима. Македонија ја имаше најдобрата“, истакна Вилоуби.
Уште двајца француски бизнисмени најавија дека ќе ја разгледаат можноста за инвестирање во Македонија.
Според Жан Клод Бонтас од Леман Индустри од авомобилскиот сектор, Македонија е поволно и лесно место за инвестирање во Европа.
„За нас е важно што е блиску до Романија. Баравме можности во Србија и во Молдавија кои исто така се блиску до Романија, но многу полесно е да се прави бизнис во Македонија“, изјави Клод Бонтас. Сличен став има и Жан Бутшо од компанија за изработка на бродски софтвер, кој оцени дека Македонија многу ветува во поглед на инвестирањето.
„Пред две години, на слична презентација слушнавме за Бугарија кадешто инвестиравме и многу брзо го проширивме бизнисот. Од она што сега го слушнавме се чини дека Македонија многу повеќе ветува во тој поглед во однос на нашето искуство во Бугарија и дефинитивно е место каде што ќе истражуваме и веројатно ќе инвестираме и ќе изградиме објекти“, нагласи Бушто.