Куманово на гостувањето кај Теодо славеше тесно, со 70:74, додека Кожув лесно и убедливо го совлада тимот на Сигал Приштина со 93:78.
Кумановци во победата над Теодо беа предводени од одличниот Костоски, кој имаше учинок од 26 поени, 8 скокови и 5 асистенции, а одлично одиграа и Мандиќ кој постигна 17 и Аврамовиќ со 12 поени.
Со оваа победа Куманово има скор од 2-1 и е помеѓу водечките во групата А.
Во Гевгелија пак, Кожув во преполната сала одигра како по ноти против силниот тим на Сигал, заслужено славејќи со 15 поени разлика.
Миладин Пековиќ постигна 16 поени на кои додаде и 6 скокови и 8 асистенции, беше најефикасен во тимот на Кожув, каде сите останати кошаркари имаа голем удел во тимската игра која го донесе триумфот. Албијаниќ со 16 поени и 9 скокови беше втор најдобар стрелец, а „двоцифрени“ беа и Брчков, Јањушевиќ, Ивеља и Богоев. Кај Приштина, Дардан Бериша погоди 6 тројки и реализираше вкупно 34 поени, а впечатлив настап имаше и Един Бавчиќ со 19 поени и 15 скокови.
Наредните натпревари ќе се играат на 25 и 26 ноември. Кожув го очекува гостување на Влазниа на 25 ноември, додека ден подоцна, Куманово ќе го одигра вториот меч пред своите навивачи а за противник ќе го има се уште непоразениот Рилски Спортист во дербито на колото.