Општина Неготино подолг период спроведува активности за изработка на буџет за идната 2023 година кој ќе биде развоен и ќе одговори на потребите на оваа општина. Ова беше една од главните поентите изнесени од страна на градоначалникот на Општина Неготино, Горан Стојанов на регионалната средба и трибина на општините од Вардарскиот плански регион.
– Досега ги завршивме посетите на сите населени места и веќе имаме одреден концепт за тоа како ќе изгледа буџетот на Општина Неготино за идната година. Како најголем проект кој го планираме за наредната 2023 година е реконструкција на плоштадот во Неготино. Се разбира нема да изостанат и другите проекти кои што се од комуналната сфера, каде за наредната година планираме да реконструираме повеќе улици, водоводни, атмосферски и канализациони мрежи – кажа градоначалникот Стојанов.
Во однос на проблемите предизвикани од енергетска криза, Стојанов изјави дека Општина Неготино била силно погодена како и сите останати општини, но со домаќинско работење досега успеваат успешно да се справат со последиците од кризата.
– Во последниот ребаланс на буџетот на Општина Неготино одвоивме многу средства за да се покријат зголемените трошоци предизвикани од енергетската криза, бидејќи сметките коишто пристигнаа до општината за електрична енергија ги надминаа сите очекувања. Со цел поуспешно справување со последиците од енергетската криза Општина Неготино работи на што е можно поголема заштеда на електрична енергија, а изврши и префрлање на сметките за плаќање на уличното осветлување на јавното претпријатие „Паркинзи“ со што дополнително се заштедија огромни средства – додаде Стојанов.
Регионалната средба беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт, Комисијата за енергетика и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.