Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека вчера имало спасувачка акција на Дојранско Езеро што завршила успешно.
– На 112 во ЦУК околу 16:30 часот е побарана помош за лице кое пливало во езерото заради лошото време со ветер, бранови и езерски струи кај месноста „Калдрма“ во Дојранско Езеро. Лицето е пронајдено живо од страна на полициски службеници од ПС Дојран. Конкретно од СВР Струмица известија дека лицето испливало до брегот во близина на грчката граница. Лицето оттаму е земено од страна на припадниците од МВР и е надвор од животна опасност, соопшти ЦУК.
Полицајците од ПС Дојран со чамец на концесионерот на езерото биле излезени на терен при силен ветер и бранови и вршеле пребарување на Дојранското Езерото на местото каде што било забележано лицето. Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), како што се наведува во соопштението, немало чамец на Дојранско Езеро.