Уставниот суд денес и официјално „пресече“ и донесе одлука за поништување на одлуките за распуштање на Собранието.
Уставниот суд ги поништи двете одлуки за распуштање на Собранието на Република Македонија, едната од 18-ти јануари 2016 година, а другата од 23-ти февруари 2016 година.
Образложението за поништувањето на одлуките донесени од страна на Собранието е исто како и Одлуката за поведување на постапка за оцена на нивната уставност. Одлуката за поништување на двете одлуки на Собранието на РМ ќе стапи на сила од денот на нејзиното објавување во Службен весник, велат од Уставен.
Судијата известител, Исмаил Дарлишта, при презентирањето на иницијативата поднесена од пратеникот на ДУИ Талат Џафери, истакна дека Судот веќе еднаш ја разгледувал една од одлуките кои се оспоруваат во иницијативата, но потенцираше дека ново во иницијативата е тоа дека се менува датумот на Одлуката за распуштање на Собранието која ја носи Собранието кое веќе било распуштено со претходната одлука. Судот не побарал одговор од Собранието бидејќи тоа веќе било распуштено.
При разгледувањето на одлуките се јавуваат како спорни повеќе дилеми: дали повторно може да се состане Собранието кое е распуштено со негова одлука за да ја менува одлуката, што, според мене лично, е недопуштено бидејќи орган кој е распуштен не може да носи повторно одлуки; потоа, дали може да продолжи мандатот на пратениците и по распуштањето на Собранието; дали оспорената одлука е подобна за уставносудска оцена, за што мислам дека ние, како Уставен суд, и тогаш реков дека сме надлежни затоа што последиците од Одлуката се однесуваат на сите граѓани на Република Македонија; дали Уставот на РМ го предвидува прашањето за одложено важење за распуштањето на Собранието и последното спорно прашање е дали Собранието може да ја проширува својата надлежност и да одлучува на поинаков начин надвор од тоа што е регулирано во Уставот, што, според мене, таков услов нема ниту еден орган во РМ, па ни Собранието, рече Дарлишта.
Инаку, Судот минатата недела изрече и привремена мерка, односно Решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката за распуштање на Собранието, по што веднаш Законодавниот дом продолжи со работа.
Истиот ден беа направени повеќе измени и дополнувања на закони, меѓу кои и на Изборниот законик, со што беа одложени изборите кои беа закажани за 5-ти јуни.