Уставни измени под вакви околности нема да поддржиме, рече Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не знае на што го темели претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен очекувањето дека во македонскиот парламент ќе поминат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Одговарајќи на новинарско прашање пред денешниот настан во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“, Мицкоски рече дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува ист, против уставни измени во овие околности.

– Не знам на што (Урсула фон дер Лајен) го темели тој коментар. Ако мислат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови, еве јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Ние имаме јасна позиција, уставни измени под вакви околности ние немаме намера да поддржиме – изјави денеска Мицкоски.

Мицкоски претходно викендот изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи уставни измени само доколку добие гаранции од ЕУ дека земјата ќе влезе во Унијата и дека за време на пристапниот процес, Бугарија нема да стави нови вета.

Во однос на пакетот на помош што го најави Фон дер Лајен, Мицкоски рече дека секоја помош е добредојдена и оти очекува таа да се продлабочи, пред сè, со доделување грант во однос на изградбата на пругата кон Бугарија, финансиска поддршка и за коридорите 8 и 10а, како и за енергетски проекти, како што е изградбата на хидроелектраната Чебрен.

За потпишаниот Договор со Фронтекс на македонски јазик Мицкоски посочи дека прашањето на јазикот е завршена работа, дека тој е признаен од Обединетите Нации и кодифициран со сите јазични и научни норми и поради тоа, никој не треба да го отвора ова прашање. Тој додаде дека договорот потпишан вчера е еден од стотиците документи што земјата ги има потпишано со меѓународни институции, вклучително и со ЕУ.

– Македонскиот јазик е стекнато право, македонскиот јазик е признаен заедно со српско-хрватскиот и словенечкиот јазик уште во поранешната федерација, како дел од македонскиот идентитет, како дел од идентитетот на тогаш конститутивниот народ. Тоа е константа и мислам дека колку повеќе ја отвораме оваа тема толку е полошо за нашиот идентитет – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски притоа го поздрави договорот со Фронтекс, оценувајќи го како додадена вредност во сферата на безбедноста.