Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објекти на АРМ

Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука за укинување на Параграфот 4, алинеја 1 од Правилото за сместување и ред во Армијата, донесено од началникот на Генералштабот на 16 јули 2012 година.

Судот спровел постапка и анализа, при што утврдил дека оспореното Правило не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок, особено со основните слободи и права на човекот, како и со Законот за правна положба на црквата и верските заедници, соопштија од таму.

Станува збор за делот од документот на АРМ со кој се забрануваат верските обреди во воените објекти во земјава, кој беше на сила цели 12 години.

Во својата одлука, Судот истакна дека началникот на Генералштабот пречекорил свои законски овластувања и се ставил во улога на законодавец, бидејќи условите за остварување на правото на слободно вршење на верски обреди во вооружените сили не можат да бидат уредени со подзаконски акт. Ова прашање, според Судот, претставува исклучиво законска материја и не може да се регулира со Правило.

Иницијативата за укинување на одредбата беше поднесена од Исамудин Османлиу, законски застапник на Здружението за развој „Млади за јавен интерес” од Дебар.