Уставниот суд го оспори изборот на владата, Косово пред вонредни избори

Уставниот суд на Косово одлучи во понеделникот дека изборот на владата на премиерот Авдула Хоти на 3-ти јуни бил неуставен, бидејќи за неа гласал пратеник претходно осуден на затворска казна, пренесуваат медиумите во Приштина, што ја доведува оваа поранешна јужна српска покраина во ситуација да оди на повторени парламентарни избори.

Според приштинските медиуми, косовскиот Уставен суд пресудил дека гласањето на пратникот Етем Арифи за потврдување на изборот на владата во парламентот било противуставно, имајќи предвид дека Арифи тогаш имал правосилна пресуд за кривично дело, а неговиот глас бил пресуден за формирање на владата на премиерот Авдулах Хоти.

Од косовската Централна изборна комисија за медиумите изјавиле дека Арифи го криел фактот дека правосилно е осуден и се кандидирал на парламентарните избори кои се одржаа на 6-ти октомври 2019 година, иако според законот тоа не му било дозволено.

Уставниот суд во Приштина земајќи предвид дека владата не е избрана според уставот, констатирал дека претседателот на Косово треба да распише парламентарни избори, кои треба да се одржат не подоцна од 40 дена од денот на нивното распишување.

Информацијата за одлуката на Уставниот суд во понеделникот вечерта на Twitter ја потврди и косовската амбасадорка во САД, Вљора Читаку, која напиша и дека вонредните парламентарни зибори ќе бидат одржани во рок од 40 дена.

Владата на Хоти, која ќе остане на власт до изборот на новата, беше формирана откако беше соборена владата на Албин Курти од движењето Самоопределување, по инсистирањето на Демократскиот сојуз на Косово на Хоти, а кој беше коалициски партнер на Курти. А токму Курти се жалеше пред Уставниот суд, барајќи мислење од највисоката судска истанца за тоа дали владата на Хоти е избрана на легален начин.