Уставниот суд оформи пет нови предмети по претходни иницијативи

Во периодот од 1 до 17 јануари годинава во Уставниот суд се оформени пет предмети, по претходно поднесени четири иницијативи и едно барање за заштита на слободата и правата на граѓанин, соопштија од Уставниот суд.

Поднесена и е и првата иницијатива по електронска пошта која пристигна на 8 јануари, посочуваат од судот.
Во другиот предмет, подносителот на барањето ја оспорува пресудата на Основен граѓански суд Скопје од 25 март 2022 година и пресуда на Апелациониот суд Скопје донесена на 15 октомври 2024 година.
Подносителот наведува дека е дискриминиран по основ на социјална припадност согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот. Според наводите во неговото барање, го известува Судот дека незаконски, без негово знаење и одобрување, му е преземан имот, и во текот на судските постапки било утврдено дека ја продал сопственоста поради влошената имотна состојба која настанала по семејни здравствени ситуации.

Подносителот тврди дека двата суда, во постапките го дикриминирале и не му дозволиле да докаже дека преземањето на неговата фирма, фото-напонската централа и земјиште од 40 000m2 од закупец кој според него потоа станал сопственик, било овозможено на начин што судовите го третирале како странка со лоша имотна состојба и не му ги прифатиле ниту наводите, ниту сведоците за да ја докаже сопственоста, посочуваат од Уставниот суд.
Во третиот предмет се оспоруваат одлуки, а подносителот на иницијативата, Зоран Салтамарски, наведува дека Одлуката немала еднаква правна применливост кон сите вработени во Армијата и дека нерамноправно бил лишен од одредени поволности кои ги добиле други вработени во АРМ.
Во четвртиот предмет, оспорена е Програмата за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичкото планирање за 2024 година со бр.09-6676/9 од 26.09.2024 година и Програмата за урбанистичко планирање за 2024 година- пречистен текст бр.09-6676/9 од 26.09.2024 година.
Подносител на иницијативата е Државен инспекторат за локална самоуправа, в.д. директор Хаќим Рамадани, а во иницијативата се наведува дека Програмата не е во согласност со законот, бидејќи Советот на Општина Карпош, донел Програма која претходно е запрена со Решение за запирање од страна на градоначалникот на Општина Карпош.
Во петиот предмет оспорен е Член 55 став 2 од првиот пасус од Правилата за тргување на Македонската берза на хартии од вредност, при што, како што посочува Уставен суд, подносителот на иницијативата, Мишо Василевски, наведува дека со воведување на вакво правило за тргување со акции на Македонската берза за хартии од вредност, спротивно на одредбите од Уставот, компаниите кои котираат на Македонската берза за хартии од вредност можат вештачки-непазарно да ја соборат цената на акциите до толку ниско ниво, што потоа со години акционерите не би можеле да ги постават своите акции за продажба и притоа слободно да ја определат цената по која сакаат да ги продадат акциите.
Се наведува дека оваа практика на тргување со акции е воведена само за цената на обичните акции кои се тргуваат на официјалниот пазар и овие ценовни ограничувања не важат за ниту еден друг начин на тргување на Берзата. Во иницијативата се наведува дека оспорените делови се во спротивност со членот 30 од Уставот, односно на загарантираното право на сопственост.