Уставниот суд ги отфрла обвинувањата упатени кон претседателката Добрила Кацарска и кон судиите од страна на претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски кој изјави „наместо да дебатираме со претседателката на Уставниот суд и министерот за финансии внатре, ние дебатираме преку вас медиумите“. Од Уставниот суд велат дека со оваа изјава ги доведуваат сите граѓани во заблуда, бидејќи тие не преговараат со никого, единствено ја оценуваат уставноста и законитоста на актите.
-Имено, посоченото лице првенствено вработените кои ги претставува, а потоа и сите останати граѓани ги доведува во заблуда со изјавата „наместо да дебатираме со претседателката на Уставниот суд и министерот за финансии внатре, ние дебатираме преку вас медиумите“. Во рамките на постапувањето и одлучувањето, Уставниот суд не преговара со никого, единствено оценува уставност и законитост на актите и ниту една одлука на Судот не смее и не може да биде предмет на преговарање со ниту еден субјект – се вели во реакцијата од Уставен суд.
Од друга страна, тие велат дека не го негираат правото на граѓаните да изразат незадоволство преку протест, што е впрочем уставно загарантирано право, но, посочуваат дека при одлучување за поведување постапка тие не одлучувале со намера да наштетат на правата на вработените, туку да ја заштити уставноста, која во овој случај, како што велат, постои како сомнеж.
-Судот одлучува во насока на остварување на правата на сите вработени, но не врз основа на дискриминаторски и неуставни одредби како што е во случајот. Уставниот суд информира дека е неточен заклучокот дека т.н. времена мерка е донесена само поради една околност која била јавно спомената. Во овој случај, Судот донесе Решение за запирање на извршувањето врз основа на овластувања од членот 27 од Деловникот и образложението за оваа мерка е содржано во Решението кое е објавено во Службен весник – се додава во соопштението.
Од Уставен суд велат дека конечната одлука ќе биде донесена во најкраток можен рок.
-Tоа е периодот во кој тимот кој работи на предметот ќе го подготви рефератот со конечен предлог откако ќе добие мислење од доносителот на актот за што е предвиден рок не подолг од 30 дена. Недозволиво е да се прејудицира каква ќе биде конечната одлука – порачаа од Уставен суд.