Изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека албанскиот е втор официјален јазик во земјава е целосна невистина, велат експертите по уставно право нагласувајќи дека токму според овој највисок државен акт Република Македонија има само еден официјален јазик, а тоа е македонскиот.
„Денешната изјава на Заев е целосна невистина, и претставува обид на овој политичар повторно да се амнестира од новото злосторство што и го прави на РМ и на македонските граѓани. Во РМ согласно а м а н д м а н 5 од УСТАВОТ НА РМ има само еден службен јазик на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, и само едно писмо, а тоа е кирилското писмо. Ако Заев ја зборува вистината дека во РМ постојат два службени јазика на територијата на цела држава тогаш воопшто немаше да има потреба да преговараат во целосна тајност како што преговараа двете партии, бидејќи нема нели потреба да се преговара нешто што е веќе утврдено во Уставот“, вели професорката од Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска.
Таа објаснува дека во Уставот јасно стои дека друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните исто така е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој амандман 5.
„А членот во Уставот вели дека само личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик може да се издаваат да друг јазик, и дека во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик може да се употребува друг јазик како службен. Истото се однесува и на комуникацијата со подрачните единици на министерствата. Во органите на државната власт може да се користи друг јазик различен од македонскиот но само како индивидуално право на секој граѓанин, а не и како колективно право на малцинствата “, вели професорката.
Оттука, вели Каракамишева Јовановска, тезата на Заев дека на цела територија на РМ имаме два службени јазика е замајување на јавноста и целосно релативизирање на Уставот.