Оваа власт не може ништо да направи за Македонија и прави само штета, рече Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт при ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа.
„Оваа власт не знае ништо друго освен корупција и криминал. Немањето на правда, постоење на повласетена каста на СДСМ, корупцијата тоа ги тера младите да заминуваат. Македонија може да биде во ред ако има нормална власт, ако има патриоти кои и мислат добро на татковината и си ја сакаат, луѓе кои ќе направат се да функционираат институциите.
Ние сега имаме институции во кои довербата е на ниво на статистичка грешка“, кажа Пандов.
Пандов се осврна и на уставните измени и односот на Бугарија.
„Уставните измени не ни се билет за ЕУ. Сите сакаме во ЕУ, но ние самите треба да ги смениме институциите и навиките на луѓето како да функционираат, а не како сега само со корупција и криминал. По сите основи има индиции за криминал, а никој надлежен не презема ништо. Оваа власт гледа само одредени странски центри да не им забележат“, посочи Пандов кој укажа дека на Македонија најголем проблем се СДСМ и ДУИ.
„Бројките од анкетите кажуваат едно, СДСМ и ДУИ се проблем на Македонија. Тоа го чувствувам и секојдневно, ми приоѓаат луѓе и зборуваат многу лошо за оваа владеачка гарнитура“, заклучи Пандов.