Уставните измени сѐ уште не се на дневен ред на владата

Сметам дека имаме време да ги донесеме уставните измени. Пред нас е период кога ќе се водат разговори, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент и бугарски европратеник Илхан Ќучук изјави дека постапката во македонското Собрание за уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот ќе започне во рок од две недели.

Оваа или следната недела Владата ќе го достави конкретниот предлог на Работната група на расправа во Собранието, изјави Ќучук за бугарската телевизија БНТ.

Европратеникот кој неделава престојуваше во Скопје рече дека вклучувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот на Северна Македонија е многу чувствителен процес и како и при секое отворање на кој било устав има сложена процедура кој бара јавна, но пред се политичка дебата.

Врз основа на практиката на Европскиот парламент да не се објавуваат извештаи пред важни прашања, предложив разгледувањето на Извештајот за напредокот на земјата да остане за на есен, изјави Ќучук.