Сашо Клековски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „ЗА или ПРОТИВ“ на ТВ Алфа вели дека изјавите на владата дека е посветена 24/7 на уставните измени се само за дефокусирање на јавноста од корупциските скандали.
„24/7 се посветени на договорот со Бехтел и Енка и на слични договори, а уставните измени се тука само за дефокусирање на јавноста кога ќе излезат корупциски скандали на површина. И оттука мислам дека уставните измени се само некоја димна завеса за да не гледаме што друго се прави“, рече Клековски.
Клековски додаде дека уставните измени зависат од политичката волја на партиите, повторувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени под бугарски диктат.
Уставните измени не зависат од административните подготовки, туку од политичката волја. Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени под овие услови, изјави тој.
Во однос на одлуката на Стејт Департметот за ставање на црната листа на градоначалникот на општина Струга од ДУИ Рамиз Мерко, вели дека ова е голема осуда и дека сега зависи од македонските институции што понатаму ќе преземат.
„Црните листи се само патоказ. Ова е чекор во добра насока, а што ќе се случува понатаму зависи од нас. Претпоставувам дека САД штом ставила одредено лице на црната листа има доволно докази, бидејќи ова е прилично голема осуда и сега прашање е дали нашите органи и институции ќе бидат поттикнати нешто да направат или не“, нагласи тој.
„Ние знаеме дека ДУИ, а не Мерко се недопирливи, од банални до покомплицирани случаи. Така што не верувам дека правосудството како што е поставено сега ќе има храброст да преземе нешто“, објасни Клековски.