Уставните судии на 22 октомври сами си изгласале додатоци во висина до 35 отсто од месечната плата за да бидат исти како судиите и обвинителите, но направиле преседан. Додатоците си ги вметнале во Деловникот за работа на Уставниот суд, место парламентот да им ги изгласа со закон, пишува порталот СДК.
Кај нас, со посебни закони за плати на судиите (во редовното судство) и на обвинителите се регулирани надоместоците на овие две професии, како што е секаде пракса во светот кога станува збор за ризици во работата. За уставните судии таков закон нема, зашто тие земаат поголеми плати од обвинителите и од редовните судии во основните, апелационите, управните судови и во Врховниот суд, а немаат ни толкав ризик во работата, објаснува порталот.