Ниту еден од досега предложените кандидати за претседател на Уставниот суд, Ана Павловска Данева, Татјана Васиќ- Бозаџиева и Осман Кадриу не беше избран за оваа функција и на денешното продолжение на седницата. Никој не го доби потребното мнозинство, односно поддршка од најмалку две третини од вкупниот број на судии или најмалку 6 гласови.
Ана Павловска-Данева се повлече бидејќи како што рече, не сака нејзината кандидатура да биде причина за уставна криза. Од Уставниот суд велат дека Васиќ-Бозаџиева во сите гласања во коишто беше предложена како кандидат доби 5 гласа, а исто толку гласови добил и Кадриу.
-Во моментот се вршат консултации помеѓу судиите за продолжението на оваа седница. Со оглед дека се уште не е избран нов претседател на Судот, а со цел Уставниот суд да функционира непречено, судиите едногласно зазедоа став дека за прашањата кои се однесуваат на управувањето, да се одлучува колективно, велат од Уставниот суд.
За причината за поделеноста на гласовите, од Уставниот суд објаснуваат дека судиите гласаат по сопствено убедување, а гласањето за или против е нивно лично убедување.
-Постапката за избор на претседател на Уставниот суд продолжува согласно членот 7 став 4 од Деловникот на Судот, според кој доколку кандидатот не го добие потребното мнозинство, постапката за избор на претседател се повторува, додаваат од Уставниот суд.
Во делот на работата со предмети, од Судот велат дека непречено работат, се примаат предмети и постојните предмети тековно се работат.
Мандатот на досегашниот претседател на Уставниот суд, Добрила Кацарска заврши на 2 јуни 2024 година, вчера, по што од денеска продолжи да ја извршува функцијата судија на Уставен суд.
Седницата за избор на претседател на Уставниот суд, започна на 30 мај и досега имаше осум круга гласања.