Уставот и законите во Македонија треба подеднакво да важат за сите граѓани на државата, вклучувајќи ги и актуелните, но и претходни функционери, како и секој еден поединец. Во однос на сегментот на неспоивост на функциите министер и пратеник, во случајов конкретно за пратеникот, Илир Демири го потсетуваме пратеникот Демири, кој веќе доби пратенички мандат во Собранието дека за него важат законските прописи исто како и за сите граѓани во државата, велат од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение:
Уставот на Македонија, во член 89 е јасен „Претседателот на Владата и министрите не можат да бидат пратеници во Собранието“.
Оттука прашуваме:
1. Како пратеникот Илир Демири го толкува највисокиот правен акт-Уставот во овој сегмент со оглед дека станува збор за две неспоиви функции?
2. Дали Демири има добиено мислење од Државна комисија за спречување на корупција за толкувањето на највисокиот правен акт во делот на споивост со функции?
3. Дали Демири во текот на вчерашниот ден потпишуваше документи во Министерството за здравство односно дали и натаму продолжува да се однесува истовремено и како министер за здравство, паралелно со пратеничкиот мандат?
Здравствените власти покажаа дека не се способни да решаваат проблеми, а додека здравството е пред колапс и има прекин на оперативниот програм на Хирургија, Демири нема поим зошто салите на Хирургија не работат.
Од завчера и апаратите за компјутерска томографија и РТГ не работат, а пациентите се упатуваат кон други здравствени установи во градот.
Но, за Демири не е важно решавање на проблемите, кои се наталожени од долгогодишното недомаќинско работење.
Ги повикуваме надлежните институции Уставен суд во сегментот на повреда на Уставот и Државна комисија за спречување на корупција во делот за конфликт на интереси да се произнесат за информациите со кои располагаме во однос на толкувањето на Демири за неспоивост на две функции каде има евидентно непочитување на највисокиот правен акт-Уставот.