Уште еден француски прволигаш во странска сопственост

Американската инвестициска групација „Peak6“ од Чикаго ќе стане новиот мнозински сопственик на Сент-Етјен, еден од најтрофејните француски фудбалски прволигаши.

Сент-Етјен десет пати бил првак на Франција, меѓутоа, последната титула ја освоил уште пред 37 години, во сезоната 1980/81 година. Овој клуб ќе стане вториот француски прволигаш кој е во американска сопственост, откако во 2016 година Франк Меккурт го купи Олимпик Марсеј. Овој Американец е поранешен сопственик на бејзбол клубот Лос Анџелес Доџерс.

Воедно со овој потег продолжува практиката на преминување на француските спортски клубови во странска сопственост. Најмоќниот клуб, Пари Сен Жермен е во рацете на катарскиот бизнисмен Насер ал-Келафи, мнозински сопственик на Монако е рускиот претприемач Дмитриј Роболовјев, а Ница ја купи кинеско-американски инвестициски конзорциум.