Белгиското правосудство обвини нов осомничен во врска со нападите во коишто во белгиската престолнина Брисел на 22-ри март 2016 година беа убиени 32 лица, објави државното обвинителство во средата без да ја прецизира неговата улога во терористичкиот чин.
Осомничениот е Белгиец, на 39-годишна возраст, идентификуван како Браим Т. Обвинет е за учество на активности на терористичка група, убиства обиди за убиства во терористички контекст, како извршител, соизвршител или учесник, се наведува во кусото соопштение на обвинителството.
Објавата доаѓа откако белгиските медиуми во понеделникот објавија дека се извршени десетина претреси, меѓу кои и еден во продавницата каде што веќе познатите извршители на споменатиот терористички напад купиле опрема за изработка на употребените експлозивни направи.
Тројца бомбаши самоубијци на 22-ри март 2016 година се разнесоа на меѓународниот аеродром Завентем и во подземната железница на Брисел и убија 32 луѓе. Истрагата покажа дека напаѓачите припаѓале на иста терористичка ќелија којашто ги изведе нападите од 13-ти ноември претходната 2015 година во француската престолнина Париз, кога беа убиени 130 луѓе.
Досега девет мажи се обвинети во истрагата за нападите во Брисел, меѓу кои се и Мохамед Абрини, Белгиец од мароканско потекло и Осама Карајем, Швеѓанец од сириско потекло, коишто, исто така, се обвинети за учество во подготовките и на париските атентати.