Уште еден оглас за „масовно“ вработување

По објавувањето на оглас на ЈП за државни патишта за 84 вработени на македонските патарини, денеска е објавен уште еден за „масовно“ вработување, овој пат од Царинската управа за 78 работни позиции, меѓу кои и за советници.

Станува збор за вработување на определено време до крајот на тековната фискална година за плата од 16.571 за наплатувач до 39.899 за началник на одделение.

Во огласот се бараат советници, цариници, виши цариници, кандидати за началник на Одделение кабинет на директор во Царинска управа, инспектор со мобилен скенер, шеф на служба за проекти во Одделение за меѓународна соработка и за други работни места а како главна причина за тоа е наведено привремено зголемениот обем на работа до крајот на 2019 година.

Ова е последно од бранот на новоотворени државни работни места, а како оправдување се наведува потребата да се затвори „дупката“ од тековни активности што се отвори со распишувањето на претседателските избори од 3 феврури па се до самото гласање. Се очекува до 3 февруари да се задржи континуитетот на вакви слични огласи.

Во последно време речиси и да нема ден во кој не е објавен оглас за вработување во државните установи, управни органи и јавните претпријатија.