Уште една севернокорејска ракета ја прелета Јапонија

Северна Кореја во петокот изведе ново лансирање на балистички проектил, кој прелетал над северниот јапонски остров Хокаидо кон Тихиот Океан, објави јапонската влада преку системот за итни случаи J-Alert.

Поради севернокорејското лансирање на ракетата, жителите од североисточниот дел на Јапонија се повикани да се засолнат во цврсти објекти и подземни простории. Покрај, тоа граѓаните се замолени да пријават во полицијата за евентуален пад на фрагменти од проектилот.

Според првичните информации, ракетата паднала околу 2.000 километри источно од ‘ртот Еримо на островот Хокаидо, соопшти на вонредната прес-конференција генералниот секретар на кабинетот на министри на Јапонија, Јошихиде Суга.

Од своја страна, две јапонски воздухопловни компании „All Nippon Airways“ и „Japan Airlines“ објавија на своите сајтови дека новото севернокорејско лансирање не влијаело врз домашниот и меѓународниот сообраќај.

Засега нема процени за тоа каков тип проектил станува збор, ниту за тоа каде паднал или за евентуални штети.

На 29-ти август Северна Кореја лансираше ракета, којашто исто така, прелет над североисточниот дел од Јапонија во Тихиот Океан. Тогаш севернокорејскиот проектил се распадна на три дела, кои паднале во близина на брегот на јапонскиот остров Хокаидо. Ракетата паднала најверојатно во океанот на 1.180 километри од островот.

Претходно во четвртокот Севернокорејскиот државен комитет објави дека Северна Кореја со своето нуклеарно оружје ќе ги „потопи“ Јапонија и ќе ги сведе САД „на пепел и темнина“ поради тоа што овие две земји ја поддржаа најновата резолуција на Обединетите нации со кои се заоструваат санкциите против Пјонгјанг.

Корејскиот азиски-пацифички мировен комитет, државна агенција којашто се занимава со надворешните односи на Северна Кореја и со пропаганда, исто така, повика на распуштање на Советот за безбедност при ОН, кој го прогласи за „оружје на злото“ составено од корумпирани земји со коишто управуваат САД.

„Четирите острови од архипелагот треба да бидат потопени во море со нуклеарните бомби на Џуче. Јапонија веќе не треба да постои покрај нас“, наведува Комитетот во соопштението коешто го цитира службената новинска агенција KCNA.

Под терминот Џуче/Чучхе (Juche – англиски) се подразбура државната идеологија на Северна Кореја коајшто ги комбинира марксизмот и национализмот, а ја осмислил основачот на оваа комунистичка земја, Ким Ил Сунг, дедо на сегашниот челник Ким Џонг-ун.

Тензиите на Корејскиот полуострови опасно ескалираа откако на 3-ти септември Пјонгјанг објави дека го извел својот шести и досега најмоќен нуклеарен тест, за кој тврди дека бил успешна проба на хидрогенска бомба којашто може да се смести во боевата глава на интерконтинентална балистичка ракета којашто може да достигне до континенталните делови на САД. Претходно Северна Кореја, во последниот од низата ракетни тестови годинава, лансираше проектил која ја прелета територијата на Јапонија.

Како одговор на ваквите кршења на претходните резолуции на ОН, Советот за безбедност при светската организација во понеделникот едногласно го прифати американскио предлог за новиот осми пакет заострени санкции против Северна Кореја.

Споменатиот севернокорејски Комитет на тоа реагираше со нови закани. „Да го сведиме континенталниот дел на Соединетите држави на пепел и темнина. Да го покажеме својот гнев така што ќе ги мобилизираме сите свои средства за одмазда коишто досега ги подготвивме“, се наведува во соопштението на Комитетот.