Потврдено дека НАТО бара од кабинетот на Шекеринска да се отстранат соработници на странски служби

Информацијата којашто неодамна ја изнесе Александар Николоски, потпретседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека од страна на НАТО е побарано да се отстранат соработниците на странски разузнавачки служби од кабинетот на вицепремиерката Радмила Шекеринска во Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ и во военото разузнавање, е потврдена во хрватските медиуми.

Под насловот „Длабоки врски: Може ли Македонија во НАТО со такво водство во Министерството за одбрана?“, порталот Hrvatska-Danas уште ланскиот септември пишуваше дека во моментов челните луѓе во Министерството за одбрана се лица со длабоки приватни, семејни, оперативни и политички врски со Србија.

Николоски во интервју за Лидер претходно седмицава истакна дека се стигнати насоки од НАТО до армијата, дека во кабинетот на Шекеринска и во Генералштабот на армијата има лица кои се на исклучително високи позиции, а се соработници на надворешни странски служби.

Порталот потсетува дека државен секретар е Драган Николиќ, син на поранешен офицер на ЈНА ид Србија, кој има ангажман во логистиката за испраќање во странските мисии, како и ангажман во промоцијата на луѓе блиски на владејачката СДСМ, но се забележува и дека нема позначителен придонес во МО.

Државен советник и истовремено најблизок соработник на министерската Радмила Шекеринска и главниот експерт за човечки ресурси во МО и АРМ е генералот Мирослав Стојановски, поранешен капетан во ЈНА кој учестувал во судирот Хрватска на почетокот од 1990-те, каде е обвинет за убивање недолжни цивили. Се потсетува дека по заземањето на Вуковар, Стојановски како награда за ангажирањето бил промовиран во чин мајор.

Началникот на Военото разузнавање, Горан Василевски, е лице коешто има врски со Војската на Србија, што е директна причина за тоа што подолг период не можеше да добие безбедносен сертификат. Василевски, како што пишува хрватскиот ресурс, е еден од ретките вработени во македонската војска кој во 2013 година пишувал во весникот на Министерството за одбрана на Србија без претходна согласност на Министерството за одбрана на Македонија.

Експертите во оваа област истакнуваат дека за да се објави статија или каков и да е напис во официјално јавно гласило на некоја војска, треба да се биде поврзан со уредувачката структура на медиумите, а тоа се повисоките офицери на земјата.

Поради ваквите факти, се поставува прашањето дали Македонија со ваква организациска структура, којашто очигледно е поврзана со земја која не е членка или партнер на НАТО, може да биде веродостоен партнер на другите членки на Алијансата.