Утре истекува рокот за пријавување за гласање во домашни услови за изборите за градоначалници на Маврово и Ростуше и на Центар Жупа и за Советот на Тетово

Утре истекува рокот за пријавување за гласање во домашни услови за болни и немоќни лица и оние кои се во изолација за изборите за градоначалници на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа и за членови на Советот на Општина Тетово, што ќе се одржат на 20 август.

– Рокот за пријавување за гласање во домашни услови, за болни и немоќни лица и оние кои се во изолација поради ковид, истекува утре. Тие треба да се пријават или електронски во Општинската изборна комисија или преку овластено лице. Гласањето за овие лица е на 19 август, ден пред одржувањето на изборите, соопшти членот на ДИК Борис Кондарко.

Бидејќи денот на одржување на изборите е сабота, овие лица треба да гласаат во петок на 19 август, во работен ден.

– Со оглед на тоа што гласањето е во работен ден, сите членови на избирачките одбори, треба да бидат ослободени од работни обврски и општинските комисии треба да им дадат потврда која треба да ја однесат на работа, изјави потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху.

На 19 август, петок, ќе гласаат и затворениците.

Изборите за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше и градоначалник на Центар Жупа и Совет на Општина Тетово треба да се одржат на 20 август.