Утре конститутивна седница, претседател на Собранието ќе биде Африм Гаши

Од утре новоизбраните пратеници и официјално седнуваат во пратеничките фотелји откако пред точно 20 дена добија мандат од граѓаните. Седницата која е закажана за 11 часот има четири точки. Најпрво се бира верификационата комисија која има обврска да ги верификува мандатите на пратениците, потоа ќе следи и изборот на Комисијата за избори и именувања. Според новиот Деловник конститутивната седница најмногу може да трае три дена, а завршува откако ќе биде избран новиот претседател на законодавниот дом кој најверојатно ќе биде првиот човек на Алтернатива Африм Гаши.

Откако претходно претседателот на Собранието Јован Митрески ја закажа, утре седницата ќе ја води највозрасниот пратеник односно Мерита Колчи Коџаџику од Демократското движење на Изет Меџити.

Со конституирањето на новиот собраниски состав ќе се исцрта и новото мнозинство кое, како што е познато ќе го има коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на што по преговорите што се водат деновиве треба да и се приклучат и коалицијата ВРЕДИ и пратениците од ЗНАМ. Со ова идното парламентарно мнозинство  се доближува до бројката од две третини.

Инаку пратенички мандат за прв пат освои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој ќе биде и идниот мандатар за состав на новата Влада. Некои од пратениците на новото владејачко мнозинство ќе бидат во пратеничките клупи само кратко време, бидејќи голем дел од нив ќе заминат и во новиот владин кабинет. Слична ќе биде состојбата и со пратениците од ВРЕДИ чии лидери на партии се избрани за пратеници, но се очекува дел од нив да заминат во извршната власт.

Од друга страна пак, довчерашните владини претставници ќе бидат во собраниските фотелји наменети за опозицијата. Таму ќе седне и поранешниот премиер и претседател на СДСМ во оставка Димитар Ковачевски, екс вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи,   поранешните министри, за внатрешни Оливер Спасовски, за земјоделие Љупчо Николовски, за одбрана Славјанка Петровска, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, за труд и социјала Јована Тренчевска, за транспорт и врски Благој Бочварски, како и екс директорката на УЈП Сања Лукаревска. Од редовите на ДУИ претседателот на партијата Али Ахмети повторно ќе биде пратеник, а со него ќе биде и екс претседателот на Собранието Талат Џафери. Поранешните министри од оваа партија не се во новиот собраниски состав.